Македонското знаме вратено на јарболот во центарот на градот
Македонското знаме е вратено на јарболот во центарот на Куманово.

Околу 20 часот претставници од Службата за општи и заеднички работи при Владата донесоа ново знаме и го поставија на јарболот висок 30 метри пред некогашниот хотел Кристал.
Во моментот кога се подигаше знамето пристигнаа учесниците во протестниот марш „За заедничка Македонија“ кои со пеење на македонската химна и аплауз го поздравија враќањето на државното знаме.
Знамето на Република Македонија беше отстрането од јарболот околу 16 часот и на негово место беше поставено знаме на Република Албанија. Двајца жители на Слупчане се приведени заради инцидентот, а по уште двајца полицијата трага. При интервенцијата двајца полициски инспектори се здобиле со телесни повреди.
Тргањето на државното знаме од јарболот наиде на осуда од политичките партии и граѓаните од сите националности.