Меѓугенерациска средба во Црвен Крст Куманово
Во просториите на Црвен Крст Куманово денеска се одржа меѓугенерациска средба по повод празниците Свети Валентин и Свети Трифун, кои се празнуваат на 14 февруари.

Волонтерите и пензионерите со рецитирање, музика и драмски точки ги одбележаа овие два празника. Истакнаа дека имаат плодна соработка и се надеваат дека таа во иднина ќе се продлабочи.
Ќе настапиме со неколку музички нумери во духот на Свети Валентин, Свети Трифун и исто така ќе имаме еден инсерт од нашата прва театарска претстава „Бегалка“. Да ги потсетиме младите како било во тоа време, каква била љубовта пред еден век. На наше задоволство имаме прекрасна соработка со Црвен Крст - изјави Славица Ламбаша, претседател на комисија за културни самодејности во Здружението на пензионери Куманово.
Меѓугенерациската средба се одржува 5-та година по ред во Црвен Крст.
Имаме подготвено стихотворби кои ќе ги рецитираме, ќе играме, ќе пееме, ќе наздравиме за љубовта и Свети Трифун. Ќе учествуваат 10 волонтери, ќе има драматизација. Ние повеќе го славиме Свети Валентин бидејќи сме млади - рече Христина Петровска, волонтер.
Пензионерите на вработените во Црвен Крст им подарија монографија и списание Пензионер плус кое го издаваат.