Кумановци ја завршуваат сезоната со меч против Феникс во Скопје
Кошаркарите на МКК Куманово вечерва ќе го одиграат последниот натпревар од сезоната, гостувајќи му на Феникс 2010 во рамки на последното, петто коло од плеј-аут лигата.
Натпреварот ќе се игра на 29 април 2026 со почеток во 20:30 часот во спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ во Скопје.
Во пресрет на завршното коло, кумановци се на врвот на табелата во плеј-аутот со 40 бодови, пред Чаир 2030 со 39 и Работнички со 37. Токму овие три екипи обезбедија опстанок во најквалитетното кошаркарско друштво и во следната сезона, додека Феникс 2010, Гостивар и Ангели го загубија прволигашкиот статус.
Поради тоа, последното коло нема поголемо резултатско значење, единствено останува спортскиот мотив да тимот ја заврши оваа сезона со победа и прво место во Плеј-аут конкуренцијата.