На поплавените им фалат лекови и средства за хигиена
Линекс, бетадин, јод, алкохол, газа, гумени ракавици, маски, сунѓери, крпи за бришење, средства за дезинфекција и за отчепување на одводите, прашок за перење алишта, памперси за постари лица, џогери и пластични садови за чистење, се најнеопходни на поплавените семејства.

Граѓаните на Куманово коишто сакаат да донираат хуманитарна помош за поплавените семејства во скопско тоа можат да го сторат на собирниот пункт на Градскиот плоштад. Волонтерите на Црвен крст дежураат од 10 до 20 часот. Оваа собирна акција ја спроведува граѓанската иницијатитва „Куманово помага на Скопје“ во соработка на Црвен крст. Во изминатите неколку дена беа собрани 1000 пакети вода и по 100 пакети со храна и средства за хигиена. Помошта вчера беше поделена на семејствата во селото Стајковци. Од волонтерите кои вчера ги посетија поплавените семејства кажуваат дека има голема потреба од лекови и средства за чистење на домовите.
„Бетадин, јод, 100%-тен алкохол, газа, гумени ракавици и маски, сунѓери и крпи за бришење, средства за дезинфекција и за отчепување на одводите, прашок за перење алишта, памперси за постари неподвижни лица, џогери и пластични садови за чистење. Од лекови најмногу недостасува линекс. Храна и вода имаат. Претходно набројаново најмногу им фали затоа што постои опасност од зарази. На пунктот на кумановскиот плоштад донирајте тоа што е најпотребно, - напишала на својот ФБ профил Фросина Лазаревска, која е во иницијативниот одбор за помош на поплавените.