Најмладите се амбасадори на општината и гордост на градот
По повод Светската недела на детето, градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски денеска организираше прием за најмладите.

При тоа на дечињата од градинките и основните училишта им ја објасни улогата на локалната самоуправа и порача дека тие се иднината на овој град.
„Мене ми е задоволство што денеска имав можност да се дружам со најмладите и да изразам благодарност на сите просветни работници, кои се грижат за воспитување и едукација на децата и работат на откривање на нивните таленти. Ова е една прекрасна млада генерација која добива врвни награди и признанија. Тоа се поединци, музички и фолколорни групи, модерен балет, ликовни и музички таленти, кои го претставуваат нашиот град. Тие се амбасадори на општината и гордост на градот, - изјави градоначалникот Дамјановски.
Децата имаа несекојдневна можност да разговараат и да го прашаат градоначалникот во врска со неговата работа. Претставник од секое училиште му прочита песничка, а му подарија и нивни цртежи. Некои од дечињата го пофалија првиот човек на градот дека помогнал да се подобрат условите за настава во нивното училиште или населбата, но поставуваа и сериозни прашања.
„Јас сум ученичка во „Магдалена Антова“ и сакам да го прашам градоначалникот кога нашето училиште ќе добие спортско игралите, - праша едно од дечињата.
Градоначалникот одговори дека покрај модерната сала „Панко Брашнаров“, планирано е наскоро да се изгради уште еден спортски терен на просторот покрај училиштето.
Посетата, традиционално како и секоја година ја организираше Здружението за грижи и воспитување на децата од Куманово.
„Оваа година мото на Детската недела е „Децата прашуваат“, тоа кажува дека треба да ги слушаме децата нивните желби и нивните потенцијали. Ние возрасните треба да ги негуваме и да ги развиваме за да го постигант она што е најдобро за нив и за нашето општество“, - рече Виолета Стошевска, претседател на Здружението за грижи и воспитување на децата.
Откако заврши приемот кај градоначалникот децата ја разгледаа зградата на општината и се запознаа со работата на службите на општинската администрација.
Неделата на децата во Куманово ќе се одбележи со повеќе културни и спортски активности во сите основни училишта. Во петок децата од предучилишните установи и од нижите одделенија на свечени манифестации ќе станат членови на детската организација.