Нема екстрадиција на Даравелски
Српското министерство за првда го повлекло решението за екстрадиција на поранешниот шеф на македонската царина Драган Даравелски.

„Вчера бевме известени дека барањето е прифатено, има решение и Даравелски ќе биде екстрадиран. Подоцна дојде информацијата дека српското Министерство за правда го повлекло решението за екстрадиција“- изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Екстрадицијата на Даравелски се прави врз основа на барање на Интерпол преку Министерството за правда во Србија.
Даравелски беше уапсен вчера, а се очекуваше да биде предаден на македонската полиција во четврток.
Даравелски е осуден со правосилна судска пресуда за проневера од 2,5 милиони евра, додека беше директор на Царинската управа во периодот 1999-2002 година. Истрагите против него започнаа веднаш по промената на власта во 2002 година. Набргу потоа му беа поднесени неколку кривични пријави за злоупотреба на службената должност и овластувања по разни основи, а меѓу нив најтешката е за неуплатување на приходите од царините во буџетот на државата и за отуѓување возила, сопственост на царината и на други институции.