Отворени „Денови на комедија„ во Куманово
Деветнаесетото издание на Меѓународниот фестивал „Денови на комедија„ во Куманово свечено беше отворенo во сабота вечер со претставата „Име“ во режија на Нени Делместре од Хрватска, во изведба Театар Комедија Скопје.

Публиката беше воодушевена од претставата и со голем аплауз ја поздрави актерската екипа.
Организаторите на манифетсацијата од Центарот на култура „ Трајко Прокопиев„ се надеваат дека и останатите претстави ќе ги исполнат очекувањата на посетителите.
„Изборот на претставите ветува дека ќе има голем интерес кај публиката и се надеваме на иста посетеност во текот на целиот фестивал, - смета директорот Сашо Костовски.
Во рамките на 19. Меѓународен фестивал на комедијата ќе се одиграат 13 претстави од Македонија, Србија, Бугарија и Косово. Утревечер ќе се игра “Хамлет од Горно Дупени“ во режија на Кирил Петрески во изведба на Прилепскиот театар. „Границата на власта“ е комедија на Приштинскиот театар. Охриѓани ќе ја изведат „Парламентарки„ во режија на Ненад Витанов работена според аристофановата комедија „Жени во Народното собрание“, а струмичкиот театар „Народен пратеник“ по текст на Бранислав Нушиќ, а во режија на Владен Александров од Бугарија. „Кокошка“ од Никола Кољада во режија на Маријан Ѓорѓиевски ќе ја игра актерската екипа на Битолскиот театар. Гостите од Белград Интермецо продукција ќе се претстават со „Сокин и Босина“. Штипскиот театар ќе ја прикаже преставата комедијата „Љубовен маратон” од Нил Сајмон, во режија на Никола Ристов. „Хот лајн“ во изведба на театар од Крагуевац ќе настапи на 12 октовмри, а наредниот ден и „Еден Џексон во повеќе„ во изведба на тетатарот од Габрово, Бугарија. „Вообразениот болен“ ќе се игра во Кумановскиот театар во изведба на „Трајко Прокопиев“ - албанска драма Куманово. Претставата „Комедија на грешки“ на Турскиот театар -Скопје е предпоследна, а на 15 октомври фестивалот ќе го затворат домаќините со комедијата „Бегај еве ја жена ти 2„ на Кумановскиот театар.
Mанифестацијата е под покровителство на Министерството за култура.