Почнува судењето на серискиот убиец од Драгоманце
Во Основниот суд во Куманово во четврток ќе започне против Трајко Бојковски (25) од Старо Нагоричане, кој се товари за четири кривични дела убиство и две кривични дела обид за убиство.
Според Обвинителството, а врз основа на вештачењата извршени во текот на истрагата било утврдено дека делата ги извршувал од ниски побуди, односно со намера да ги задоволува своите полови нагони врз мртви женски тела.
Тој во јануари 2025 година во село Клечовце, со умисла убил повозрасна и немоќна жена. Влегол во нејзината куќа и, додека таа спиела на креветот, физички ја нападнал и насилно почнал да ја задушува. Од бројните скршеници и повреди, поради кои не можела да дише, жената починала.
Во јуни минатата година, кога во селото Драгоманце, на сличен начин, со умисла убил уште една жена.
Третиот напад бил извршен истиот месец во селото Челопек, каде нападнал жена која успеала да се спаси откако викнала по својот син, по што обвинетиот побегнал.
Во јануари годинава, во селото Старо Нагоричане, со умисла ја убил 35-годишната Марија Маринковска од Куманово.
Во селото Челопек, во февруари годинава, обвинетиот убил уште една повозрасна и немоќна жена.
„Последниот евидентиран настан е на 9 февруари во селото Челопек, каде со умисла се обидел да лиши од живот уште една жена, но се исплашил од звук што го слушнал и побегнал пред да ја реализира намерата“, наведува Обвинителството.
Бидејќи со умисла убил повеќе лица, согласно член 123 став 3 од Кривичниот законик, на обвинетиот му се заканува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Паралелно се испитуваат и околностите под кои лекарите не констатирале насилна смрт кај дел од жртвите на осомничениот.