×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Со тапан будат верници за сифир

    04.07.2016 08:49 | KumanovoNews

      Од кога започнаа рамазанските пости, секоја вечер во 1 часот по полноќ тапан чука по улиците на кумановската ромска населба Средорек и ги повикува муслиманските верници да започнат со подготовките за утринскиот оброк

    Со тапан будат верници за сифир

    Тапан ги буди жителите на ромската населба Средорек за да јадат пред изгрејсонце за време на рамазанските пости. Во 1 часот по полноќ тапан чука по улиците на населбата и ги повикува муслиманските верници да започнат со подготовките за утринскиот оброк. Претседателот на месната заедница Средорек, Муарем Ќазимовски, вели дека овој начин на известување на верниците за сифир не е нов и се практикува повеќе од 10 години.

    „На тој начин сакаме да ја вратиме традицијата на нашите предци кога немало часовници, ни разглас на џамиите, па со тапани ги буделе верниците. Затоа ангажиравме тапанџија. Сифирот е околу 4 часот наутро, а тапанџијата тргнува во обиколката многу порано. Кај оние верници што знае дека постат чука пред куќата, се' додека не му дадат знак дека се разбудиле, па потоа продолжува понатаму“, објаснува Ќазимовски.

    Ритуалот го изведува сиромашно момче од населбата, кое на тој начин заработува, а на верниците им прави услуга да не се успијат. Тој со тапанот тргнува да чука од центарот на населбата и има задача да помине низ секоја улица и сокаче. За вложениот труд, кога ќе заврши постот, сега сите семејства имаат обврска да му платат, а некогаш му давале прехранбени продукти како брашно, шеќер, облека и др.

    „На првиот ден на Бајрам тој оди по куќите и го даруваат. Му даваме кој колку има, 100, 200, 500 денари. Еден сосед секоја година му дава по 50 евра, поситуиран е од другите, а и сака да го награди затоа што работи и ја почитува верата. Секој верник е должен да му даде пари, таков е договорот во населбата“, додава Ќазимовски.

    Претседателот на месната заедница признава дека меѓу жителите на Средорек, иако сите се муслимани, има и такви на кои им пречи чукањето на тапанот во ниедно време, но успеваат да ги одоброволат. Се работи за постари лица кои имаат здравствени проблеми и бараат да не им се прекинува сонот. И станарите кои живеат во зградите на почетокот на булеварот „Октомвриска револуција“, на другата страна на реката во Средорек, се жалат дека ноќното чукање на тапанот ги вознемирува и ги остава без спиење, па често мамурни одат на работа.

    „Кога беше постудено и прозорците ни беа затворени, не ги слушавме, а вака секоја ноќ не' будат. Бидејќи скоро се доселивме, првиот пат мислев дека е некоја веселба, а подоцна соседите ми кажаа дека секоја година е така за време на постот. Немам ништо против која било вера и религија, но сметам дека обичаите треба да се практикуваат во кругот на семејството. Не е во ред во градска средина да се вознемирува цел кварт, поради обичај на една група луѓе. Секој има часовник дома, мобилни телефони, аларми, па нека се буди кога треба“, вели една кумановка.

    „Ние знаеме дека сме малку досадни и им пречиме на нашите сограѓани од другата страна на реката, но ги молам за разбирање, бидејќи тоа е еден месец во годината. Секоја година водиме на ифтар наши пријатели од православна вероисповед. Ние ги почитуваме нивните празници и заедно ги славиме“, се правда Ќазимовски.

    Првите години кога го ангажирале тапанџијата, месната заедница пријавувала во полиција и во Општина, но престанале да го прават тоа во последните 5 години, бидејќи никој не им правел проблеми, ниту, пак, реагирал на бучавата. Ромите будењето со тапан за рамазанските пости го сметаат за традиција која треба да се негува. Покрај во Средорек, нашиот соговорник вели дека не знае за друга градска населба во Кумановско каде што се практикува обичајот со тапан.

                                                                         (Утрински весник)