×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановци повеќе се знаат по прекарите од чаршијата, отколку по имињата од кумовите (видео)

    23.12.2021 18:29 | KumanovoNews

    Ушле - затоа шти има големи уши, Лопата - заради големите шаки, Тртле - ако имал голем задник, Туберан -  ако е анемичен, Врапче или Сокол - ако има тенок нос и мали очи, Тарзан или Лав - затоа што е храбар, Цуце - поради тоа што е низок, Кукла - ако е убава, Прдле - ако некогаш се посрамотил, Соларци - тргувале со сол, Отљанац и Которац - од мeстата каде се доселиле... 

    Ова се само дел од најпопуларните прекари, кои се најдоа во книгата „2222 надимци на кумановски од кумановци“ од хроничарот Мирко Зафировски-Стањевац.

    Авторот вели дека Куманово се издвојува од другите средини и региони во Македонија, по тоа што повеќето кумановци се знаат по прекарите на чаршијата отколку по крстените имиња што им ги дале кумовите.  Во градот ретко кој нема прекар, а тие често се пренесуваат од една на друга генерација во кумановските семејства.

    „Давањето прекари започнало многу одамна, но најголем подем имало кога занаетчиите биле на високо ниво. Во куманововската чаршија имало многу занаетлии, кои додека шиеле, поправале чевли или работеле некој друг занает, набљудувале кој поминува и што прави. Чираците и калфите ги прашувале мајсторите кој каков е, а тие почнале да им даваат прекари (надимци). Така, некој што одел исправено го викале сар`к, друг петле, трет имал искривена нога, четврт лева нога, некој рака како лопата, искривен нос и така се „наденувале“ надимците“, вели Зафировски.

    Според него, прекарите главно доаѓале од лошата или негативна особина на човекот, отколку од позитивните карактеристики. Но, не било исклучено да има и надимци како што се лепотан, лепа, кукла...Сепак, интересно е што прекарите дадени од чаршијата обично одговарале на личноста и неговото однесување.

    „Една од моите теоретски разработки на оваа книга е дали надимците се заслужени. Верувајте, од она што сум го истражил нема „утка“ ако името го даде чаршијата. Можеби, тоа не одговарало кога го давале родителите, бабите и дедовците, па најчесто бирале мило мое, лепотан и слично, но кога името му го
    дава друштвото тоа секогаш му прилега. Тука нема пријателство, привилегија, политика , другарство. Точно е како што ќе му се „залепи“ и ќе го носи цел живот“, раскажува Зафировски.

    Тој прекарите ги поделил во 18 подрачја и според абецеда секој може да се пронајде себеси или своите пријатели и семејства, да види дали се запишани во кумановската меморија на надимци.

    Како најчести, тој ги посочува прекарите дадени по домашните животни, иако имало и многу необични надимци.

    „Тоа биле најчестите прекари. Имало надимци и на диви животни, но дефинитивно домашните животни се најчесто користени. На пример вол, кобила, магарица, магаре, прљак, свиња, гуска, петле и слично. Потоа, имало надимци на диви животињи, влекачи, змии, гуштери, бува, вошка, татабици и друго. Но има и многу недефинирани, кои не спаѓаат во ниту една категорија. Од 2222, такви се 646 прекари. Многу интересни надимци има, како Шајтан, Шпата, Љато, Церман итн.“, објаснува Зафировски.

    Тој вели дека иако имало и револт и лутење заради дадените прекари, сепак тие опстојувале и на крајот луѓето ги прифаќале, па дури биле и горди на нив, без разлика дали се погрдни, вообичаени или невообичаени.

    „Имало и тепачки, и кавги, и лутење, на игранки, на корзо, по фабрики. Подоцна, сепак се прилагодувале и биле задоволни со прекарот. Еве, јас имам наведено еден пример во книгата. Некој матурант се викал Коле и другарите дошле пред неговиот прозорец рикајќи „Уааа“. Мајкaта му кажала дека другирите го викаат да оди на корзо, не знаејќи дека го викале прљак и дека тоа за него е навредливо. Но, како и да е, се навикнувале и подоцна дури им било мило што така ги нарекла чаршијата. Тоа било знак на нивна препознатливост, а со вистинското крстено име го знаеле само најблиските“, посочува Зафировски.

    Често дадените прекари се пренесувале, а и се уште се пренесуваат од генерација на генерација во едно семејство, иако понекогаш се случува помладите да добијат и нов прекар.

    „Личноста го носи надимокот цел живот, но обично се пренесува и на неговата фамилија. Може некој член на семејството да добие и нов прекар и тоа се разгранува на едно, друго, трето поколение, но коренот е секогаш од еден човек. И тоа обично се наследува. На пример „ластавица“. Ги знаеме Цане ластавица, Видо ластавица...“, раскажува Зафировски.

    Иако има над 80 години, нашиот соговорник се уште добро го служи здравјето и нема намера да прекине со истражување за историјата и традицијата на својот роден град.

    „Ги повикувам сите кумановци од овде, но и оние што се во странство, да дадеме придонес, да ги забележиме обичаите, надимците, градските обележја, додека ги паметиме. Така, не 2222 надимка, туку можеме дарегистрираме 10.000 надимци. Еве, на пример, во Историскиот архив има фотографии за кои не се знае од кои локалитети се. Можеби некој од тие луѓе ќе ги препознае местата и луѓето и тоа ќе биде вреден придонес за нашето минато и историја“, вели Зафировски.

    Тој, особено, апелира до младите да продолжат да истражуваат и да откриваат нови тајни за Куманово.

    „Ние, како кумановци, сме должни да оставиме некој белег за минатите времиња во наше Куманово, да се знае како било некогаш, а помладите понатаму да оставаат записи за следните генерации“, дециден е кумановскиот хроничар.

    Зафировски досега има издадено две книги за Куманово во кои го обработува животот во овој град, навиките и обичаите, како и препознатливите белези што го чинат единствен и уникатен.

    Истовремено, на Фејсбук веќе има објавено и околу 600-700 мисли, насловени како „Животот за животот“ и доколку собере околу 1000 планира идната година да издаде уште една книга.

    Кумановци повеќе се знаат по прекарите од чаршијата, отколку по имињата од кумовите (видео)