Мени

Злато и сребро за младите пингпонгари на Куманово

25.05.2026 10:54 | KumanovoNews

 Пингпонгарите од Пинг-понг клуб Куманово Јаков Јакимовски и Андреј Васевски освоија златна и сребрена медал на турнирот што се одржа во Македонска Каменица по повод патрониот празник на општината „Св. Кирил и Методиј“.

Злато и сребро за младите пингпонгари на Куманово

Во силна конкуренција младите натпреварувачи, прикажаа одлична игра. Во финалето, Јаков Јакимовски по неизвесен и возбудлив натпревар го совлада својот клупски колега Андреј Васевски со 3:2 во сетови, освојувајќи го златниот медал, додека Васевски се закити со сребро.

На турнирот настапи и Јаков Кузмановски, кој успешно ја мина групната фаза, но во елиминациите беше поразен од подоцнежниот третопласиран натпреварувач.

„Во конкуренција на 32 натпреварувачи моите ученици постигнаа одличен резултат. Особено сум задоволен од финалниот натпревар меѓу Јакимовски и Васевски, кој беше мошне интересен и неизвесен“, изјави тренерот на кумановскиот клуб Мики Трендафиловски.

Трендафиловски најави дека претстојниот викенд клубот го очекуваат нови предизвици.

„Во недела ќе се одржи бараж натпреварот за влез во Супер лигата за сениори, а Јакимовски ќе настапи и на турнирот ТОП 8 во категоријата У19. Со тоа ја завршуваме оваа натпреварувачка сезона“, додаде тој.