Кој го уништи паркингот кај градскиот стадион?
Еден од најголемите бесплатни паркинг простори во центарот на Куманово, покрај градскиот стадион, два месеци стои раскопан и нема изгледи наскоро да се врати во првобитната положба.

Граѓаните се жалат дека од раскопаниот асфалт и натрпаната земја неможат да ги паркираат возилата ниту да поминат пеш.
„Срамота е ова за инспекциските служби во општината. Паркингот е пред очи на општинарите кој работат ва зградата на Козјак. И тие секој ден ги паркираат автомобилите на ова место, зар не им пречи?! Го уништија единствениот паркинг простор кој навистина беше функционален и никој не регира, - вели засегнат граѓанин кој го паркираше своето возило.
Дел од тротоарот и паркингот го раскопала фирма која поставила осветлување на улицата, но откако ја завршила својата работа ја вратила земјата, без да ја зарамни или асфалтира. Па сега просторот е со дупки, купишта земја, камење и превртени ивичници од тротоарот. Возачите со пониски автомобили закачуваат со подот додека се паркираат. Жителите од околните куќи велат дека ровот стоел отворен десетина дена, па откако тие регирале го затрупале.
Паркингот покрај градскиот стадион е еден од најголемите во градот и може да собере стотина возила, служи за вработените во околните локални и државни институции и градинка, но го користат и голем број граѓани.
Општинските власти треба итно да интервенираат и да го натераат изведувачот да си ја заврши работата до крај или во спротивно да го санкционира. И во други делови на градот има раскопани улици и тротоари, кои фирмите ги оставаат не поправени отко ќе си ја завршат работата.