Кравите од Крива Паланка ќе се носат во затворите во Идризово и Прилеп
Кравите кои ќе бидат одземени во Крива Паланка, ќе бидат предадени на казнено-поправнитe домoви Идризово и Прилеп, а се разгледува можностa дел да бидaт отстапени и на здруженија на сточари и на млади сточари.
По усвојување на акцискиот план на последната седница на Владата, вчера Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство започна со оперативната реализација на планот. На состанокот на Координативниот штаб биле утврдени конкретните активности и задолженија на институциите вклучени во процесот.
„Со воспоставувањето на овој механизам на институционална координација создаваме оперативни предуслови за системско и трајно надминување на проблемот со кој се соочуваат жителите на Крива Паланка. Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од суштинско значење е секоја институција одговорно и ефективно да го реализира својот дел од преземените обврски“, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
Како следен чекор во спроведувањето на Акцискиот план, Координативниот штаб ќе ги мапира локациите на кои е концентриран добитокот, при што врз основа на неговата бројност, распространетост и пристапност на локациите, ќе се спроведуваат следните активности.