Мени

Помош и нега во домот и за старите лица во Старо Нагоричане

08.07.2026 10:25 | Сузана Николиќ

Старите и изнемоштени лица од Општина Старо Нагоричане ќе можат да ја користат социјалната услуга „Помош и нега во домот“, која ја спроведува Општинската организација на Црвен крст Куманово.

Помош и нега во домот и за старите лица во Старо Нагоричане

Од Црвениот крст ги повикуваат сите граѓани на кои им е потребна помош во секојдневното функционирање да поднесат барање за користење на услугата. Проектот се реализира со поддршка на Министерството за социјална политика, демографија и млади и Светска банка, во рамки на развојот на социјалните услуги во заедницата.

„Мерката започна од 1 јуни. Право на користење имаат лица постари од 65 години кои живеат сами или во домаќинства со ограничена можност за грижа, како и лица со намалена подвижност, хронични заболувања или други здравствени состојби што им го отежнуваат секојдневното функционирање.

Услугата опфаќа помош при одржување на личната хигиена и хигиената на домот, набавка на храна и лекови, придружба до здравствени установи и поддршка при извршување на секојдневните активности. За грижата ќе бидат задолжени обучени и сертифицирани негователи, согласно индивидуалните потреби на секој корисник“, вели Ива Младеновска од Црвен крст Куманово .

Заинтересираните граѓани или членовите на нивните семејства можат да се информираат и да поднесат барање во просториите на Општинската организација на Црвен крст Куманово или во архивата на Општина Старо Нагоричане. По поднесувањето на барањето ќе биде извршена проценка на потребите на кандидатите согласно утврдените критериуми.

Дополнителни информации може да се добијат во Црвен крст Куманово на телефон 031/424-179 или лично во канцеларијата на Центарот за социјални работи во Општина Старо Нагоричане.