Сослушани малолетничките и нивните родители за бруталното врсничко насилство врз 12- годишно девојче
Две малолетнички и нивните родители биле повикани на службен разговор во полициска станица по случајот со бруталното врсничко насилство врз 12-годишно девојче во скопската населба Аеродром.
Полицијата најавува кривични пријави против инволвираните по целосното расчистување на случајот.
Според Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 1 јули од 31-годишната мајка на девојчето. Таа навела дека претходната вечер, околу 22 часот, нејзината 12-годишна ќерка во парк во Аеродром била нападната од 14-годишна малолетничка.
Пред физичкиот напад, две малолетнички во два наврати ја принудиле девојката да клекне на колена и да се извинува. Кога се обидела да си замине, била претепана од друга малолетничка, додека повеќе присутни малолетници го снимале насилството со мобилни телефони.
Истиот ден полицијата извршила службен разговор со две малолетнички во присуство на нивните родители, а за случајот биле известени јавен обвинител за малолетници и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.
Во тек е идентификација и на останатите малолетници кои учествувале или биле присутни на настанот. По целосното расчистување на случајот ќе бидат поднесени кривични пријави за кривичните дела „насилство“ и „запуштање и малтретирање на малолетно лице“, согласно Кривичниот законик.