Тенискиот клуб „Тумба“ со низа успеси на државни натпревари
Тенискиот клуб Тумба од Куманово забележа значајни резултати на државните првенства за млади категории и на турнирите за ветерани што се одржаа во текот на мај.
На Државното првенство до 16 години, кое од 16 до 20 мај се одржа на терените на ТК Југ, Алексеј Стојановски од ТК Тумба го освои второто место во поединечна конкуренција, откако во финалето беше поразен од Марко Алексовски од ТК Југ. Во конкуренција на двојки, Марин Стефановски од ТК Тумба и Иван Трпковски од ТК Југ стигнаа до шампионската титула.
Успешни настапи кумановските тенисери имаа и на Државното првенство до 18 години, кое од 23 до 26 мај се играше на терените на ТК Поинтер. Алексеј Стојановски и Даријан Пановски од ТК Југ го освоија второто место во двојки, откако во финалето загубија од Кристијан Јанев и Ерион Незири.
Во женска ветеранска конкуренција, Драгица Томовска и Марија Златевска од ТК Тумба триумфираа на Отвореното првенство во двојки за ветеранки, кое на 23 и 24 мај се одржа во ТК Евросет во Скопје.
ТК Тумба беше домаќин и на Отвореното првенство за ветерани во Куманово, одржано на 30 и 31 мај. Во категоријата 30+, победник беше Панче Арсов од ТК Астибо, кој во финалето го совлада Златко Костадиновски од ТК Топспин. Во категоријата 50+, најуспешен беше Борче Надов од ТК Астибо пред Емил Михајлов од ТК Поинтер. Во женска конкуренција, Катерина Димковска од ТК Тумба ја победи клупската колешка Марија Златевска.

Во текот на месецот, на турнирите настапија и младите тенисери Дарија Ѓорѓиевска, Гала Трајковска и Јаков Петковски, кои со своите настапи достојно го претставија ТК Тумба.
Со освоените медали и финални пласмани, членовите на ТК Тумба уште еднаш потврдија дека клубот е еден од најуспешните тениски колективи во регионот и значаен фактор во развојот на тенисот во Куманово.